Бугарскиот премиер Росен Жељазков го повика својот македонски колега Христијан Мицкоски да се извини за метафората со „лавот и глушецот“, која ја употреби во реакција на изјава од бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини, бидејќи кога шеф на влада упатува такви навреди кон член на странска влада, тоа ги нарушува добрососедските односи и довербата, која е многу кревка во овие времиња“, изјави Жељазков.
Тој додаде дека „наративот на Мицкоски ќе им го остави на оние што го познаваат Езоп“, алудирајќи на античкиот писател на басни.
Жељазков сепак нагласи дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува европскиот пат на Македонија, но врз основа на исполнување на обврските од 2022 година и договорот за добрососедство.
Претходно, изјавата на Мицкоски беше осудена и од бугарското Министерство за надворешни работи, кое ја оцени како неприфатлива.
Повод за реакциите е изјавата на Мицкоски дадена пред неколку дена, во која тој, одговарајќи на тоа што Георгиев го нарече „северномакедонски премиер“, рече дека некој му дал задача да се задева „како глушец со лавот“.