Поминаа повеќе од два месеци од вонредната седница на Советот на Град Скопје посветена на загадениот воздух, а надлежните институции сè уште немаат изработено план и заклучоци за решавање на проблемот, реагира координаторката на советничката група на СДСМ и Коалицијата, Катерина Цаневска Арсовска.
Таа посочи дека седницата била одржана на 5 јануари, кога советниците дискутирале и предложиле мерки за справување со аерозагадувањето, при што било договорено во рок од 30 дена од дискусиите да се изработи план за дејствување.
„Поминаа повеќе од два месеци од вонредната седница за загадениот воздух, а од тогаш има само вонредна тишина од надлежните. Нема ништо од ветените заклучоци, план и стратегија. Денес имаме само молк и заборавени ветувања. Дали станува збор за целосна неспособност или за игнорантност со надеж дека првиот ветер ќе го реши проблемот? Граѓаните дишат ист воздух, но очигледно одговорноста повторно ја нема“, изјави Цаневска.
Таа потсети дека вонредната седница била свикана на предлог на СДСМ и Коалицијата со поддршка од опозицијата, а и советниците од власта се согласиле да се расправа за проблемот со загадувањето.
Според официјалните податоци од државниот систем за мониторинг на воздухот, како и од меѓународни платформи како „АјКјуЕр“, во Скопје редовно се регистрираат сериозни надминувања на дозволените концентрации на штетни честички, поради што градот со години се наоѓа меѓу најзагадените во Европа.
Институтот за јавно здравје проценува дека околу 4.000 смртни случаи годишно во државата се поврзани со загадениот воздух, додека УНИЦЕФ предупредува дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња е поврзан со аерозагадувањето.
На седницата биле предложени повеќе мерки, меѓу кои донесување обврзувачки акциски план за чист воздух за периодот 2026–2029 година, засилен инспекциски надзор врз индустриските капацитети, целосна транспарентност на податоците за загадувањето, програма за замена на нееколошките системи за греење, рестриктивни сообраќајни мерки во денови со екстремно загадување и ревизија на деталните урбанистички планови во најкритичните зони на градот.