Бојан Јовановски на денешното судско рочиште за „Меѓународен сојуз“ меѓу другото изјави дека имал поддршка од некој од министрите од тогашниот владин состав, а за соработката со бизнисмените рече дека се случила со посредници.
„Поддршка имав и од Мила Царовска, тогашната министерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај екс-премиерот Зоран Заев“, истакна меѓу другото Јовановски.
Од повиканите, министерката Мила Царовска демантираше поврзаност со проектите и најави тужба за клевета до Јовановски.
„Во интерес на вистината сакам најостро ги демантирам сите дрски лаги и конструкции изнесени во јавност од страна на Бојан Јовановски за поврзаност со проект на ГП Пелистер и за било каква соработка со Меѓународниот сојуз и најавувам дека против него ќе поднесам тужба за клевета. Истовремено ја информирам јавноста дека со госпоѓата што ја споменува Јовановски во неговата изјава ниту некогаш сум соработувала, ниту лично ја познавам. Изјавата на Јовановски е целосна невистина и директен напад и уривање на мојот углед и достоинство за што ќе ги преземам сите правни мерки“ - стои во соопштението испратено од Мила Царовска.