Митко Чавков е сместен во хашка соба во истражниот затвор во Шутка. Од вчера поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност е во притвор поради сомнежи дека подготвувал бегство во Грција. Обвинителството за организиран криминал побарало изолација на Чавков откако добиле оперативни сознанија дека планира да пребега и да се сокрие во куќа кој ја поседувал на Халкидики. Од обвинителството посочија дека нема причина зошто да се сомневаат во службената белешка на МВР.
Семејството на Митко Чавков негира дека поседува имот во Грција. Неговата ќерка – Зорица Чавкова на социјалните мрежи предупреди дека оној кој ја измислил вилата на Халкидики ќе се соочи со последици. Побара амбасадорите во земјава да го разгледаат приведувањето на нејзиниот татко. Постот го заврши со паролата „нема правда нема мир“.