Цената на златото повторно се намали на светските пазари, под влијание на очекувањата дека американската Федерална резерва ќе ја задржи рестриктивната монетарна политика.
Спот-цената на златото во вторникот падна за околу 0,4 отсто, на 4.325 долари за унца, додека американските фјучерси се намалија за околу 0,5 отсто, на 4.362 долари.
Еден од главните фактори што вршат притисок врз цената се очекувањата за нови зголемувања на каматните стапки во САД. Повисоките камати ја намалуваат привлечноста на златото, бидејќи благородниот метал не носи каматен принос, додека каматоносните вложувања стануваат попривлечни.
Актуелната цена е повеќе од 22 отсто под рекордот од јануари, кога златото достигна околу 5.595 долари за унца.
Сепак, благородниот метал и натаму е значително над нивоата од претходниот период. Според World Gold Council, само во август златото поскапело за 13,3 отсто и месецот го завршило на околу 4.563 долари за унца.
Дополнителен притисок врз цената создава и посилниот американски долар. Бидејќи златото се тргува во долари, неговото поскапување ја намалува достапноста за инвеститорите кои користат други валути.
Пазарите внимателно ги следат изјавите на претставниците на ФЕД за да проценат во која насока ќе се движи монетарната политика. Вниманието е насочено и кон геополитичките случувања и цените на нафтата.
Иако златото традиционално се смета за заштита во периоди на инфлација и геополитичка неизвесност, неговата актуелна цена покажува дека значително влијаат и каматните стапки, вредноста на доларот и приносите на американските обврзници.