Советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, Катерина Костадинова, денеска на прес-конференција ја обвини локалната власт предводена од градоначалникот Горан Герасимовски и СДСМ дека ја одложува расправата за иницијативата за враќање на старите цени на паркинг-маркиците за жителите на општината.
Според Костадинова, советниците од мнозинството веќе еден месец не дозволуваат оваа иницијатива да се најде на дневен ред, со што, како што рече, продолжува финансискиот товар врз жителите на Центар.
Таа оцени дека измените во правилникот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, според кои се зема предвид бројот на возила регистрирани на една адреса, наместо бројот на возила што ги поседува едно лице, дополнително ги оптоваруваат граѓаните.
Костадинова побара од општинското раководство да објасни зошто не ја поддржува иницијативата за поевтин паркинг и ги повика советниците од мнозинството што поскоро да ја стават на дневен ред предлог-одлуката за измена на ценовникот.
Во своето обраќање таа упати и политички критики кон градоначалникот Герасимовски и СДСМ, обвинувајќи ги дека работат на штета на граѓаните на Општина Центар.