Невропсихијатарот д-р Методи Чепреганов почина денеска на 86 години по кратко боледување, соопшти болницата „Неуромедика“, каде што работеше над 20 години. Тој е роден штипјанец, кој редовно го посетуваше својот роден град.
Кариерата ја почна 1969 година на Клиника за нервни и душевни болести при Медицински факултет – Скопје, а над 25 години држеше настава како професор од областа на неврологијата и психијатријата со медицинска психологија на студентите на Медицинскиот факултет – Скопје. Има објавено над 260 научни трудови и 130 монографии од областа на неврологијата и епилептологијата.
Иако имаше 86 години, невропсихијаторот-епилептолог проф. д-р Методи Чепреганов беше сѐ уште активен во својата професија. Во својот компјутер имаше заведено илјадници пациенти и водеше детална грижа за секој од нив. Забележителна беше и неговата виталност и позитивен пристап кон животот. Тајната за договечноста ја поврзува со генетиката како основа на сé.
Беше многу чест гостин во медиумите каде го објаснуваше моментот во којшто живее не само поединецот во последните 30 години, туку и целото македонско општество. Неговите анализи беа толку прецизни што наведуваа на сериозно размислување кон каде се движи општеството и како може да излезе од својот стрес продолжен со децении.
„Малоумноста, интензивните психоемотивни напливи, поточно афектот, инаетот, суетата, примитивизмот и параноидниот начин на размислување, биле, се и ќе бидат главниот кочничар и уназадувач на една популација и држава. Бидејќи, невронауката покажа и докажа, дека така обоената и заробена екологија на духот во интерперсоналните односи во никој случај не води кон прогрес, туку обратно, кон регрес и заробеност во своите карактерни особини и страсти за моќ и личен бенефит. За жал, примери во нашето секојдневие има многу”, изјави Чепреганов во една прилика.
„Одговорност за ситуацијата и консултации, бидејќи „јас мислам“ и „ние мислиме“ е различно. Тоа му фали на мојот народ. Немањето самодисциплина, тоа што секогаш бараме дупка или заобиколен пат да го изиграме законот, правото, како и подмитливоста се дел од, како што ги нарекува „фалинките“ на народот и генерално и во контекст на кризата со коронавирусот. Ние сѐ правиме за да се уништиме, никој не чита, затоа што ‘сите знаат сѐ‘, тоа е проблемот“, изјавил Чепреганов за пандемијата со коронавирусот.
Д-р Чепреганов беше дел од Европската асоцијација за клиничка неврофизиологија и епилептологија за земјите од Француско говорно подрачје; Невролошка асоцијација на Франција. Награден е со орден Palmes Academiques од страна на Првиот министер на Франција во името на Министерството за наука.