Измислена болест наречена „биксоманија“ се појавувала како одговор во алатки за вештачка интелигенција како ЧетГПТ и Џемини, покажал експеримент спроведен од шведски истражувачи предводени од Алмира Османовиќ Тунстром од Универзитетот во Гетеборг.
Станува збор за непостоечка состојба, која во одговорите на чет-ботовите била опишувана како нарушување предизвикано од синото светло од екраните, со симптоми како болка, чешање и црвенило на очите.
Експериментот започнал како демонстрација за студентите за тоа како функционираат големите јазични модели и колку лесно може да се влијае врз нив преку внесување содржини со низок квалитет.
„Биксоманија“ првпат била објавена во март 2024 година на платформа за објавување текстови, а потоа се појавила и во нерецензирани научни трудови. Иако не постои во медицинската литература, вештачката интелигенција почнала да ја третира како реална болест.
Според истражувањето објавено во научното списание „Нејчр“, некои системи дури давале и проценки за зачестеност и дополнителни објаснувања за оваа измислена дијагноза.
Тунстром предупредува дека ваквите системи не се дизајнирани за критичко размислување и дека проблемот настанува кога нерелевантни или нерецензирани извори се третираат како веродостојни.
Во експериментот биле користени и измислени автори и институции, кои сепак биле цитирани во одредени публикации.
„Ова покажува колку луѓето се потпираат на автоматизација без доволна проверка. Секогаш проверувајте ги изворите и читајте ги оригиналните трудови“, порачува истражувачката.