Пред вас денес сакам да ja презентирам дел од работата и активностите што ги реализиравме и што се во тек, со една јасна цел – Крушево да биде подобро место за живеење, атрактивна, туристичка и спортска дестинација, вели Нико Чонески, градоначалник на Општина Крушево.
„Во изминатиот период работевме на повеќе полиња – од патната и комуналната инфраструктура, преку водоснабдувањето и уредувањето на јавните простори, до урбанистичкото планирање, спортот и туризмот.
Еден од нашите приоритети е подобрувањето на патната инфраструктура во Општината.
Во тек е изградбата на пристапната улица до скијачките терени, која ќе овозможи подобар и побезбеден пристап до оваа значајна туристичка и спортска локација и ќе се поврзе со идната обиколница околу Крушево. Обиколницата е во фаза на тендерска постапка и со нејзината реализација очекуваме значително да се олесни сообраќајот низ градот, особено сообраќајот на тешките товарни возила.
Паралелно, се изработува техничка документација за подобрување на патната инфраструктура во населените места, а продолжуваме и со ревитализација и санација на локалните улици во градот.
Во тек е и изработка на сообраќаен проект, со кој ќе се обезбедат дополнителни паркинг места и ќе се регулира режимот на сообраќај во централното подрачје, со цел подобро функционирање, особено во периодите со зголемен број посетители.
Посебен фокус ставивме на едно од најважните прашања за секоја општина – сигурното и квалитетно водоснабдување.
Во тек е изработка на студија за намалување на загубите на питка вода во Крушево, со цел максимално искористување на гравитационите извори и детектирање на деловите од системот со најголеми загуби на вода, кои ќе бидат приоритет за раконструкција.
Завршена е реконструкцијата на објектот на пумпната станица за водоснабдување на Крушево, а во тек е тендерска постапка за целосна замена на хидро и електро опремата.
Го продолжуваме и процесот на модернизација на Јавното комунално претпријатие. До крајот на септември се очекува испорака на нов ровокопач-натоварувач, а веќе е набавено и ново возило за собирање отпад.
Дополнително, воспоставивме меѓуопштинска соработка со Општина Кривогаштани за заедничка имплементација на проект за зајакнување на комуналните претпријатија во двете општини и поефикасна испорака на комуналните услуги.
Отпочнуваме со процес на селекција на комуналниот отпад, кој ќе продолжи со изградба на центар за селекција на отпадот. Ова е важен чекор кон интегрирано управување со отпадот во општината како предуслов за чиста животна средина за граѓаните и за развој на туризмот.
Во насока на искористување на постојните природни ресурси и потенцијали имплементираме проекти кои ќе ја зајакнат позицијата на Крушево како водечка светска дестинација за активен туризам.
Во завршна фаза се две нови полетувалишта, со што двојно ќе се зголеми капацитетот на параглајдинг центарот во Крушево.
Во тек е и уредување на дел од спортско-рекреативниот центар Гумење, со изградба на детски рекреативен парк, како и оплеменување на просторот околу Крушевското Езеро.
Започнуваме и со процесот за реконструкција и ревитализација на Крушевската чаршија, како еден од најзначајните симболи на нашиот град и важен дел од туристичката понуда на Крушево.
Во завршна фаза е и техничката документација за реконструкција на Градскиот пазар.
Паралелно со конкретните инфраструктурни проекти, работиме и на создавање планска основа за идниот развој на Крушево и населените места.
Во тек е донесување на Генерален урбанистички план за дел од градот Крушево, како и Детален урбанистички план за контактната зона на градот.
Паралелно се работи и на урбанистичко-планска документација за населените места во општината како и документација за изградба на канализациони системи.
Со поддршка од Министерството за спорт, ќе започнеме со реализација на проектот за изградба на нова спортска сала која ќе овозможи практикување на повеќе спортови.
Тоа ќе биде значаен чекор за позиционирање на Крушево како дестинација за спортски туризам во нашата држава.
Ова се само дел од активностите на кои работиме.
Нашата цел не е само да реализираме поединечни проекти, туку чекор по чекор да создадеме подобра инфраструктура, подобри услови за живот и нови можности за развој на Крушево.
Продолжуваме да работиме посветено, со јасна визија и со една заедничка цел – Крушево да биде уредена, одржлива и функционална општина“, вели Чонески.