Со Договорот од Преспа придонесуваме за мирен соживот, солидарност, соработка, пријателство и мир меѓу двата народи, но и во поширокиот регион и тоа е најважната награда, рече премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во однос на номинацијата за Нобеловата награда за мир за него и неговиот македонски колега.
Говорејќи на настанот „Прогресивна алијанса за демократска и социјална Европа“ на која шефот на европратениците од СИРИЗА и потпретседател на ЕП, Димитрис Пападимулис, го презентираше сработеното во Европскиот парламелнт, Ципрас се потсети на посетата и средбата со Бушамауи од Тунис, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015, чија беше и првичната иницијатива, јави дописничката на МИА од Атина.
-Одговорив и му напишав на Зоран Заев една порака дека за нас, за мене, а верувам и за премиерот на Северна Македонија, дека најважната награда од сите награди е фактот дека преку овој договор придонесовме за воспоставување мирен соживот, солидарност, соработка, пријателство и мир во поширокиот регион, но и меѓу нашите народи и оваа награда не може да се спореди со никоја друга награда, рече грчкиот премиер.
Алексис Ципрас говореше за прогресивните сили и прогресивните влади и истакна дека кога тие преземаат одговорност, тогаш докажуваат дека заедно можат да решат проблеми за подобра иднина на народите и регионот, особено за Балканот каде што главната перцепција „не беше компромисот и консензусот, туку националистичката омраза и конфликтите“.