Највисоките словачки државни функционери, претседателот Петер Пелегрини, премиерот Роберт Фицо и претседателот на парламентот Рихард Раши, потврдија единствен став околу клучните надворешнополитички и внатрешни прашања. По заедничкиот состанок соопштија дека Словачка повеќе нема да ѝ дава воена помош на Украина и дека ќе се залага за посуверено државно настапување, објави словачкиот портал „Актуалити“.
Претседателот Пелегрини изјави дека целта на средбата била да се испрати порака дека е можно водење културна политика и цивилизиран дијалог, како и дека тројцата највисоки уставни функционери мора да најдат заеднички јазик и заеднички одлуки во интерес на Словачката Република. Тој нагласи дека разговорите биле отворени, конструктивни и прагматични.
Во однос на надворешната политика, Пелегрини посочи дека тројцата се единствени во оценката дека воената кампања на САД во Венецуела претставува грубо кршење на меѓународното право. Истовремено, беше потврдена согласноста дека Словачка треба да има свој претставник на преговорите на таканаречената „коалиција на подготвените“, при што ставот на земјата останува непроменет.
Тој јасно нагласи дека Словачка повеќе нема да ѝ дава воена поддршка на Украина, нема да испраќа војници и нема да учествува во гаранции за голем заем од страна на Европската комисија.
Сите тројца функционери истакнаа дека Европската Унија за Словачка претставува животен простор во кој земјата сака и понатаму да биде дел. Премиерот Фицо, сепак, предупреди дека Унијата се соочува со најдлабока криза досега.
Тој изјави дека не би сакал Словачка во вакви услови да настапува несигурно и да стане жртва на големи промени што може да се случат во Европа. Фицо укажа и на распаѓањето на светскиот поредок, нарушувањето на меѓународното право, како и на енергетската безбедност како сериозен предизвик.
Премиерот оцени дека е клучно Словачка да настапува суверено и во Европа и на глобалната сцена. Тој ја повика целата владејачка коалиција, и покрај внатрешните несогласувања, да се обедини и да претставува храбра и суверена државна политика која ќе ги штити интересите на земјата во тешки времиња.
Фицо додаде дека разликите во ставовите се нормални, но дека кога станува збор за суверенитетот, безбедноста и опстанокот на државата, сите мора да дејствуваат заедно. Тој истакна дека и опозицијата е добредојдена доколку е подготвена да учествува во таков пристап во корист на Словачка.
Претседателот на парламентот Раши исто така потврди дека тројцата највисоки функционери можат да постигнат договор околу решавањето на сериозните прашања што ја засегаат Словачка, без разлика дали станува збор за надворешна или внатрешна политика. Тој наведе дека не гледа суштински проблеми и дека по многу теми постојат заеднички или слични ставови.
Раши додаде дека разговарале и за функционирањето на Вишеградската група и Славковскиот формат, при што ставот на Словачка е да се бараат заеднички точки и координиран настап со партнерските земји. Како тема на разговор било и работењето на парламентот, при што тој потврди дека измените на законот за деловник мора да бидат прва точка на следната седница.