„Орка Холдинг“ на семејството на бизнисменот Орце Камчев доставила известување за намера за преземање на тетовски „Жито Полог“, каде најголем дел од акционерскиот капитал и веќе е сконцентриран во раце на Камчеви и нивни блиски луѓе, пишува „Фокус“. Како што стои во известувањето на „Орка“ до Македонска берза, понудата за преземање и проспектот ќе бидат дадени согласно Законот за преземање на акционерски друштва.

„По добивањето на дозвола за понуда за преземање од страна на Комисијата за хартии од вредност, понудата за преземање ќе бидат јавно објавени и достапни за акционери на Жито Полог“, се наведува во известувањето, каде уште стои дека известувањето е доставено до повеќе институции и ќе биде објавено јавно во весник.
Веднаш потоа, Македонска берза извести дека донесен е заклучок за внесување на издавачот „Жито Полог“ АД Тетово на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно Правилата за котација, со цел „обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради објавена намера за давање јавна понуда за преземање“.
Според Централниот депозитар за хартии од вредност, моментално „Орка Холдинг“ поседува 24,98 отсто од акциите во „Жито Полог“, додека самиот мелнички комбинат поседува 20,6 отсто од акциите. Воедно, има уште неколку акционери кои се јавно објавени, бидејќи поседуваат над 5 отсто од акциите.