Многумина мислат дека црните точки на стаклото од вратата на рерната се само декоративен елемент, но тие имаат многу поважна улога. Станува збор за специјален керамички слој кој при производството се впекува во стаклото на високи температури и помага да се спречи негово пукање при големи температурни разлики.
Ако внимателно ја погледнете вратата од рерната, ќе забележите дека точките се поретки во средината, а кон рабовите стануваат погусти и постепено се претвораат во црна лента. Причината е што средишниот дел од стаклото се загрева најмногу, додека рабовите, кои се во контакт со металната рамка, остануваат поладни. Ваквиот распоред овозможува рамномерно распределување на топлината и го намалува напрегањето на стаклото.
Керамичкиот слој е трајно поврзан со стаклото, па не може да се избрише ниту со силни средства за чистење. Доколку забележите дека е оштетен, најверојатно станува збор за механичко оштетување на самото стакло.
Експертите предупредуваат и на една честа грешка што ја прават многумина по користењето на рерната. Наместо да ја остават да се лади со затворена врата, тие ја оставаат подотворена. На тој начин врелиот воздух и пареата директно удираат во кујнските елементи околу рерната, што со текот на времето може да доведе до оштетување на нивната површина.
Повеќето современи рерни имаат вграден вентилатор кој продолжува да работи и по исклучувањето за постепено да го олади уредот. Затоа е препорачливо да се остави системот сам да ја заврши својата работа, без отворање на вратата.
Дополнително, најголем ризик за стаклото претставува наглото ладење. Бришење на врелото стакло со влажна крпа или изложување на нагла промена на температурата може да предизвика термички шок и пукање. Исто така, треба да се избегнува удирање на плехот во стаклото при вадење на храната.
Доколку забележите ситни пукнатини или линии на стаклото, не ја користете рерната додека не биде прегледана од стручно лице. Стаклото е отпорно на високи температури, но не и на механички удари и ненадејни температурни промени.