Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, по чија наредба се казнува за неносење на заштитни маски, односно непочитување на мерките, самиот ги прекршува одредбите кои ги носи Владата. Од фотографијата која е објавена на социјалните мрежи, се гледа како Чулев се фотографира со член на Централниот комитет, без да одржи социјална дистанца, ниту пак, да носи маска. Наместо на лице, маската Чулев ја држи во раце, исто како и лицето со кое се фотографирал.
Под фотографијата, на лицето фотографирано со Чулев му забележуваат дека не одржува дистанца од 2 метри, а тој одговара „Проверени сме, негативен тест“.
https://www.facebook.com/photo.php?fbid=3682983851730281&set=a.903495246345836
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ брои околу 140 членови. Според статутот на партијата. Тоа се претседателот, потпретседателите и генералниот секретар на партијата, претседателот на Градскиот комитет-Скопје, претседатели на општинските комитети, именуваните членови од Извршниот комитет, претседателот на Академијата за политика, претседателот, секретарот и девет члена на Извршниот комитет на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот и секретарот на Унијата на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот, секретарот и 5 члена на Извршниот Комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
Според поставеноста на столчињата кои се гледаат на фотографијата, нема дистанца од 2 метри меѓу секој од нив. Ако сите 140 членови дошле на состанокот, тогаш салата била целосно исполнета. Исто така, доколку по примерот на Чулев и лицето со кое се фотографира и другите не носеле заштитна опрема, тогаш прописите за заштита од коронавирус се прекршени. Доколку носеле маски, според здравствените инструкции, тоа е доволна заштита од коронавирусот и без одржување на дистанцата.
За разлика од порано, по завршување на состанокот на Централниот комитет немаше официјални фотографии од ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак, на медиумите им беше дозволено да направат инсерти од средбата.
Останува нејасно зошто ВМРО-ДПМНЕ состанокот не го одржа онлајн, туку со физичко присуство. Во последните месеци, дури и Владата, на која член е и Чулев, состаноците ги одржува преку електронски апликации. Од СДСМ засега не се изјасниле дали органите на партијата одржувале состанок онлајн или со физичко присуство.