Коронавирусот може да предизвика симптоми кои траат и по неколку недели и месеци по исчезнување на инфекцијата, посочува доктор специјалист Марија Михајлова. Таа посочува дека ова се нарекува пост-корона синдром или „долг ковид“, пишува Инфо.семед.мк
„Времето кое е потребно за опоравување од ковид инфекција е различно за секого. Повеќето луѓе се чувствуваат подобро за неколку дена или недели. Но за некои луѓе, симптомите може да траат подолго. Веројатноста да имате долготрајни симптоми не е поврзана со тоа колку сте болни кога првпат ќе заболите од ковид 19“, посочи доктор Михајлова.
Според неа и нејзиното искуство со матичните пациенти, вообичаени пост-ковид симптоми се: екстремен замор, вртоглавици, отежнато дишење, болки во градите, болки во зглобови, осипи, срцеви палпитации, депресија и анксиозност, нарушен сензибилитет за мирис или вкус, нарушен сон.
Таа посочува и дека државата треба да размисли дали е време нашиот здравствен систем да размисли за отворање на посебни пост-ковид амбуланти.
„Целта е да не се губи време во лавиринтот на здравствениот систем, заштеди и да им се помогне на луѓето да чувствуваат поголема контрола над нивната состојба и живеат подобар живот“, посочи докторката специјалист по семејна медицина, Марија Михајлова.