Дваесет и седумгодишниот лекар од Инфективното одделение во Кумановската болница, д-р Даниел Трајановски ги освои симпатиите на кумановци, поради неговата посветеност во лекувањето од ковид-19. Тој е доктор по општа медицина и стана омилен кај своите пациенти, откако со својата стручност и професионалност, но и непосреден однос успеа да ја стекне довербата кај болните и нивните семејства, објави СДК.МК.
Неговите пациенти велат дека тој пред сѐ е човек со големо срце, а потоа посветен, неуморен, трпелив и пожртвуван лекар. Тој подеднакво се грижи за сите заболени независно дали се во неговата амбуланта или во болничка соба, но не ги остава сами ни кога се лекуваат дома. За нив и нивните семејства е достапен 24 часа за совет или за поддршка. Неуморен во мисијата да го победи невидливиот непријател, неговиот работен ден најчесто трае повеќе од 10 часа, често е дежурен, а не му е тешко да дојде и ноќе доколку некој пациент има потреба од негова помош. Неговите колеги кажуваат дека тој не се срами ниту одбива да помогне и кога се во прашање физичките работи на одделението, па се случува да носи боци со кислород затоа што болничарот не може сам или да постави катетер на пациент ако медицинските сестри се презафатени. Пациентите и нивните роднини велат дека е пример на здравствен работник какви треба повеќе да ги имаме во јавното здравство.
„Пациентите не можат да се излажат, тие ве прифаќаат или не. Јас имав среќа да ја стекнам нивната доверба и многу сум горд поради тоа. Мене сите пациенти ми се подеднакви и го давам својот максимум за сите. Натчовечки се трудам да спасам сечиј живот. Мојата работа е склоп на емоција, професионалност и давање на душа. Тоа може само да се почувствува, не може да се прераскаже. За овие 11 месеци во професионалниот дел пораснав многу, но го разбрав и животот, низ него мора постојано да се бориме ако сакаме да успееме. Така е и со ковидот, борбата со него е тешка и неизвесна, но ако сте упорни ќе успеете. Многу е моќно чувство кога ќе го победиме вирусот, јас се радувам повеќе од пациентите“, – вели д-р Трајановски за СДК.МК.
Текстот во целост на: САКАМДАКАЖАМ.МК