Дата-центрите стануваат една од клучните инфраструктури на современата економија, а нивната изградба може да има значајно влијание и врз развојот на Македонија, оценува Орце Симов, професор и претседател на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации.
Според него, денес спротивставувањето на изградба на дата-центри може да се спореди со противењето на хидроцентрали и енергетската мрежа пред еден век, бидејќи станува збор за инфраструктура без која не можат да функционираат голем дел од современите дигитални услуги.
Симов објаснува дека дата-центарот претставува објект во кој се сместени голем број компјутерски сервери за обработка и складирање податоци. На нив се чуваат фотографиите, видеата, коментарите и другите содржини што секојдневно се користат преку социјалните мрежи и интернет-сервисите.
„Facebook“, „YouTube“, „Google“, „Amazon“, „Instagram“, електронското банкарство, дигиталните услуги, како и системите за вештачка интелигенција, не можат да функционираат без дата-центри, посочува Симов.
Тој укажува и на економскиот потенцијал на ваквите инвестиции. Како пример ја наведува Германија, каде што „Google“ гради дата-центри со вкупна инвестиција од 5,5 милијарди евра. Според неговите наводи, само оваа инвестиција би имала годишен придонес од околу една милијарда евра во германскиот БДП.
Дополнителна можност Симов гледа и во поврзувањето на дата-центрите со производството на електрична енергија од обновливи извори. Македонија има голем број сончеви денови, а интересот за изградба на фотоволтаични централи е значително поголем од домашната потрошувачка.
Според него, доколку во земјата се изградат дата-центри со голема потрошувачка на електрична енергија, тие би можеле да создадат дополнителна побарувачка и простор за нови инвестиции во производство и складирање енергија.
Симов, сепак, нагласува дека при изградбата мора да се води сметка за повеќе аспекти – објектите да ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди, да бидат поставени на локации каде што нема да го нарушуваат животот на локалното население и да имаат соодветна електроенергетска инфраструктура.
Дополнително, дата-центрите треба самостојно да обезбедуваат електрична енергија по пазарни услови, односно преку набавка на електрична енергија на енергетските берзи.
Во однос на ладењето, Симов посочува дека постојат повеќе технологии, од воздушно до затворени системи со течност, кои не бараат потрошувачка на вода. Кај системите со испарување има потрошувачка на вода, но дел од неа преку врнежите повторно се враќа во природниот циклус.
Тој заклучува дека темата за дата-центрите е широка и опфаќа енергетика, економија, животна средина и дигитална инфраструктура, но оценува дека Македонија треба внимателно да го разгледа нивниот потенцијал и да создаде услови за инвестиции со соодветни еколошки и инфраструктурни стандарди.