„Непознати сторители“ оставија вчера позлатена метла пред Министерството за правда, додека министерката Рената Тренеска-Дескоска беше во Клубот на пратеници заедно со премиерот Зоран Заев, каде што учествуваше во јавна дискусија. Службеници ја внеле метлата која заврши како сувенир во министерскиот кабинет, за што Дескоска објави на Фејсбук толкувајќи дека ваков подарок во правдата може да симболизира расчистување со криминал и корупција.
– Ви благодариме за овој златен подарок – златна метла. Златна метла во правда може да биде за метење криминал и корупција. Се надеваме дека со носењето на законот за јавното обвинителство ќе се исполни оваа насушна потреба на граѓаните. Затоа, охрабрете се – заедно да го изгласаме и да создадеме можност да се измете криминалот и корупцијата! – напиша таа на Фејсбук.
Веста за метлата што била оставена пред Министерството за правда стигна нешто подоцна од информацијата дека конечно ќе се реализира средбата на премиерот Заев со клучниот коалициски партнер во Владата – лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Со тоа почнуваат разговорите за најавените кадровски промени во извршната власт, по предупредувачкиот резултат од неодамнешните претседателски избори, и покрај отпорот кон промените што го манифестираа функционери на ДУИ во овој период.
Со оглед на тоа што „метлата“ што актерот Драган Спасов-Дац му ја подари на премиерот меѓу двата изборни круга стана парадигма за потребата од кадровски чистки, подарокот за Дескоска, сепак, се доживува и во таа конотација. Особено ако се има предвид дека токму нејзиниот ресор се посочува како еден од можните за нова „трампа“ меѓу коалициските партнери.