Во летните месеци, кога високите температури го отежнуваат ладењето на домот, многу луѓе користат клима-уреди за полесен сон. Сепак, се поставува прашањето колку е нивната употреба безбедна за здравјето.
Експертите предупредуваат дека не е препорачливо нагло ладење на просториите и создавање голема разлика помеѓу надворешната и внатрешната температура. Се смета дека таа разлика не би требало да биде поголема од околу 8 степени, додека честа грешка е климата да се постави на околу 20 степени, дури и кога надвор не е многу топло.
Лекарите објаснуваат дека клима-уредот не би требало да работи цела ноќ во спалната соба. Наместо тоа, најдобро е просторијата да се излади пред спиење, а потоа уредот да се исклучи. Доколку климата се наоѓа во друга просторија, може да се остави да работи бидејќи разладениот воздух сепак ќе допира до спалната соба.
Спиењето во премногу ладна просторија може да предизвика вкочанетост на мускулите и настинки, а особено се чувствителни бебињата, хронично болните лица и повозрасните.
Дополнително, се нагласува дека клима-уредите мора редовно да се чистат, бидејќи во нив може да се насоберат бактерии кои можат да предизвикаат респираторни проблеми.
Препораката е просторијата да се разладува рано наутро или навечер, а температурата да не паѓа под 22 степени. Организмот подобро се прилагодува на умерени температури, додека преголемото ладење може да биде исто толку непријатно и штетно како и прегревање.