Вишиот суд во Неготин денеска ги достави до Апелацискиот суд во Ниш списите од предметот против Д.Д. и С.Ј., обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ, со цел второстепениот суд да одлучи по поднесената жалба.
Претходно, Вишиот суд во Неготин ја потврди обвинителницата против двајцата обвинети, кои се товарат за тешко убиство, но истовремено го отфрли обвинението и ја запре постапката против Р.Д., татко на еден од обвинетите, кој беше осомничен дека му помогнал на својот син да го сокрие телото на девојчето.
На оваа одлука жалба поднело Вишото јавно обвинителство во Заечар, за што сега треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш. Од Вишиот суд во Неготин за Танјуг изјавиле дека бранителите на обвинетите не поднеле жалби на судското решение.
Апелацискиот суд претходно го потврди делот од обвинението што се однесува на Д.Д. и С.Ј., додека делот за Р.Д. го укина и го врати на повторно одлучување во првостепениот суд.
Според обвинителството, Д.Д. и С.Ј. на 26 март 2024 година, во Бањско Поле кај Бор, со службено возило на ЈКП „Водовод“, каде што биле вработени, ја удриле двегодишната Данка Илиќ, по што ја ставиле во возилото. Се сомнева дека потоа нејзиното тело го фрлиле на депонија, а подоцна го преместиле на друга локација.
Телото на Данка Илиќ досега не е пронајдено.
Обвинителството предложи двајцата обвинети да бидат осудени на доживотен затвор.
Во истрагата беше опфатен и Р.Д., кој се сомничи дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето. Братот на Д.Д., кој исто така беше приведен во рамки на истрагата, почина на 7 април 2024 година во просториите на Полициската управа во Бор за време на задржувањето.