Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ денеска на социјалните мрежи соопшти дека, една година по обезбедувањето на првичните средства за изградба на спомен-обележје во чест на младите кои ги загубија животите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, сè уште нема конкретна реализација на проектот.
Од здружението потсетуваат дека на 18 јуни минатата година Собранието го прифатило амандманот поднесен од пратеникот Миле Лефков, со кој биле обезбедени два милиони денари за изработка на идејно решение и отпочнување активности за изградба на спомен-обележјето. Одлуката, како што наведуваат, била објавена и во „Службен весник“ на 23 јуни 2025 година.
Според информациите што ги добиле на средба со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, средствата предвидени минатата година биле пренаменети, но било најавено дека во текот на годинава ќе биде направена нова прераспределба за реализација на меморијалот.
Воедно, од здружението посочуваат и на изјавата на министерот Љутков дадена во поткастот „Ноќно студио“ на 4ТВ, во која тој навел дека повторно се обезбедени два милиони денари преку прераспределба за 2026 година и дека веќе се работи на основниот проект.
Сепак, од „16-ти Март 2025“ бараат одговори на повеќе прашања, меѓу кои дали најавената прераспределба веќе е донесена и јавно објавена, дали постои формален акт за определување на средствата, кога тие ќе бидат ставени на располагање и под кои услови ќе бидат префрлени до инвеститорот.
„Дали одлуките донесени во Собранието и објавени во „Службен весник“ остануваат само на хартија или треба да добијат реализација?“, прашуваат од здружението.
Тие оценуваат дека меморијалот од вакво значење требало да биде целосно инициран, поддржан и реализиран институционално од државата, наместо семејствата паралелно да бараат дополнителни средства преку донации.
„Спомен-обележјето не е само проект. Тоа е место на сеќавање, достоинство и траен однос кон 63 прекинати животи“, порачуваат од Здружението „16-ти Март 2025“.