Гејминг-индустријата се соочува со сериозни предизвици, поттикнати од растот на цените на игрите и хардверот, масовните отпуштања, развојот на вештачката интелигенција и постепеното исчезнување на физичките изданија на видеоигрите.
Аналитичарите предупредуваат дека развојот на високобуџетните ААА наслови станува сè поскап, при што буџетите за нивно производство веќе достигнуваат стотици милиони долари. Истовремено, новите игри се продаваат по значително повисоки цени, а некои специјални изданија чинат и до 150 евра.
Дополнителен притисок создаваат отпуштањата во индустријата. Според истражување на Game Developers Conference, секој трет развивач на видеоигри во САД бил погоден од отпуштања во последните две години, додека речиси половина од отпуштените сè уште не успеале да најдат нова работа.
Развојот на генеративната вештачка интелигенција дополнително ја зголемува неизвесноста, бидејќи дел од компаниите веќе ја користат за автоматизација на задачи што претходно ги извршувале луѓето.
Во меѓувреме, индустријата сè повеќе се префрла на дигитална продажба, а физичките изданија постепено исчезнуваат. Според податоците, дигиталната продажба денес учествува со околу 80 проценти од вкупната продажба на видеоигри.
И покрај бројните предизвици, аналитичарите не очекуваат пропаст на гејминг-индустријата, туку нејзина трансформација во модел во кој ќе доминираат дигиталната дистрибуција, повисоките цени и новите технологии. Истовремено, дел од компаниите, како „Нинтендо“, се оценуваат како подобро позиционирани да се приспособат на новите услови на пазарот.