Борче Стаменов, познат по иницијативата „Донирај компјутер“, реагираше на сè почестите инциденти поврзани со однесувањето на младите, посочувајќи дека состојбата излегува од контрола и бара јасна граница.
Тој сподели дека неодамна бил сведок на група деца на електрични тротинети, на возраст од околу 12 до 13 години, кои во рацете носеле балони полни со вода. Само ден подоцна, како што наведува, прочитал дека вакви групи гаѓале луѓе во автомобили и на мотори, при што постоела реална опасност од сериозни последици.
„Еден мислам дека го погодиле, им се симнал и веројатно натепал некое. И со лесно поминало, можел да падне и да се убие и да не стане“, пишува Стаменов.
Тој посочува и други загрижувачки случаи – деца кои фрлале камења по животни во зоолошка градина, инцидент во Куманово каде 19-годишник бил уапсен поради закани со нож кон друго дете, како и случај во Велес каде малолетник извадил нож при расправија во интернат.
Стаменов прави споредба со минатото, нагласувајќи дека и претходните генерации не биле безгрешни, но имале поразвиено чувство за последици и поголем надзор од родителите и образовниот систем.
„Имавме оправдано, умерено строги родители и исто такви учители, наставници, професори. Со други зборови имавме надзор и контрола да не забегаме и дома и на училиште“, наведува тој.
Според него, денешната комбинација од недостиг на активности за млади, слаба заинтересираност, намален авторитет на институциите и неказнивост создава средина во која ваквото однесување се толерира.
„Мама и тато ќе средат“, „деца се де“ и „ќе помине“ – ваквиот пристап, според Стаменов, само го продлабочува проблемот.
Тој потенцира дека не сите деца се исти, но предупредува дека трендот што се забележува е сериозен сигнал дека општеството мора да реагира.