Општина Делчево со пригодна свеченост ја одбележа 147-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.

По тој повод, за животот и делото на Гоце Делчев реферат подготвија членови на КУД „Гоце Делчев“, а пред споменикот на Делчев во центарот на градот се поклонија и свежо цвеќе положија: делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, како и претставници од Советот на Општина Делчево, претставници од институциите, политички партии, здруженија на граѓани.

Исто така, делегација од Општина Делчево денеска положи свежо цвеќе и на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје во рамките на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев во организација на Собранието на меѓународната манифестација „Гоцеви денови“.