Со капитулацијата на Германија, Втората светска војна на тлото на Европа беше завршена, со што не само што беше ставен крај на најразорната војна во историјата, туку беше поразена и идеологијата на нацизмот, односно фашизмот.
Бидејќи најголемите напори и жртви за поразот на нацистичка Германија, најмонструозната машинерија на злото што светот дотогаш ја видел, ги поднесе Советскиот Сојуз, во Москва традиционално секоја година на 9 мај се одржува воена парада, чиј фокус е оддавање почит на борците кои ја изнесоа натчовечката борба против нацизмот.
Германија ја потпиша капитулацијата во Втората светска војна во Карлсхорст, предградие на Берлин, во штабот на советските сили, на 8 мај 1945 година во 22:43 часот, а таа стапи на сила во 23:01 часот по средноевропско време.
Потписник во име на Германија бил фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, додека сојузниците ги претставувале маршалот Георгиј Жуков и британскиот воздухопловен генерал Артур Тедер.
Во западните земји Денот на победата се одбележува на 8 мај.
Поради временската разлика меѓу средноевропската временска зона и московската, како датум на капитулацијата во Москва, односно порано во Советскиот Сојуз, а денес во Русија, се зема 9 мај и тој се одбележува како Ден на победата, додека во западните земји се одбележува 8 мај, кога капитулацијата навистина била потпишана.
Всушност, тие денови се случиле две потпишувања на германската капитулација. Првото било на 7 мај во Ремс, на северозападот на Франција, кога од германска страна потписник бил генералот Алфред Јодл.
Сојузниците ги претставувал генералот Валтер Бедел Смит, а Советите генералот Иван Суслопаров. Тогаш бил присутен и претставникот на Франција, генералот Франсоа Севез. Бидејќи Јосиф Сталин не го прифатил документот потпишан на 7 мај, официјална Москва побарала актот за капитулација повторно да се потпише, во присуство на репрезентативни претставници на советската армија и држава.
Откако генералот Двајт Ајзенхауер ги прифатил аргументите на Сталин, новото потпишување се случило следниот ден во Берлин, односно Карлсхорст, а актот потпишан во Ремс бил третиран како прелиминарен.
Во дополнителниот, конечен текст на капитулацијата било нагласено дека германските трупи мораат, без разлика каде се наоѓаат, да им се предадат на локалните команданти на сојузничките сили. Тоа било важно поради фактот што Германците имале намера да им се предадат на западните сојузници, при што постоела идеја отпорот кон Советите можеби да продолжи.
Војната конечно била завршена со капитулацијата на Јапонија на 2 септември 1945 година.
Првата голема Парада на победата била одржана во Москва на 24 јуни 1945 година. Тогаш низ Москва, под ѕидините на Кремљ, продефилирале борци кои ја изнесоа гигантската борба, носејќи не само победа за својата земја, туку и уништување на нацизмот, со прикажување на запленетите обележја на поразените, како воени знамиња и колони заробеници.
Шестгодишната Втора светска војна конечно завршила со капитулацијата на Јапонија на 2 септември 1945 година.
Војната на Пацификот била завршена по употребата на атомско оружје, со што Јапонците биле принудени на капитулација.
За време на Втората светска војна животот го загубиле околу 60, можеби и до 70 милиони луѓе. Приближно 20 милиони биле воени лица. Меѓу нив, 1.706.000 биле граѓани на Југославија, според податоците што официјален Белград ги изнел за време на процесот против нацистичките злосторници во Нирнбершкиот процес.
На тлото на Југославија отпорот на остатоците од германските сили бил запрен дури на 15 мај. Особено е важно што со поразот на Германија бил поразен и националсоцијализмот, идеолошка конструкција чија расистичка доктрина довела до уништување на цели етнички групи.