На 30 јули се одбележува Светскиот ден против трговија со луѓе, кој Обединетите нации годинава го посветуваат на темата „Заробени зад измамата“, со фокус на сè почестите случаи во кои луѓе се намамуваат со лажни понуди за работа, а потоа се принудени да учествуваат во онлајн измами и други облици на сајбер-криминал.
Според официјалните податоци, во Македонија меѓу 2019 и 2024 година се идентификувани 46 жртви на трговија со луѓе, што покажува дека овој вид организиран криминал е присутен и во земјава.
Светскиот ден беше воспоставен во 2013 година со резолуција на Генералното собрание на ОН, со цел да се подигне јавната свест за состојбата на жртвите и да се промовира заштитата на нивните права.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека криминалните мрежи сè почесто користат лажни огласи за работа за да привлечат жртви, кои подоцна се изложени на закани, присила и должничко ропство, принудувајќи ги да извршуваат интернет-измами. Новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, дополнително им овозможуваат на криминалните групи полесно да ги прошират своите активности.
Според Меѓународната организација на трудот, во 2021 година околу 27,6 милиони луѓе ширум светот живееле во услови на современо ропство. Најчестите форми на експлоатација остануваат присилниот труд и сексуалната експлоатација, но трговијата со луѓе опфаќа и присилен брак, домашно ропство, регрутирање деца-војници и трговија со органи.
Советот на Европа предупредува дека жртвите во Македонија често се соочуваат со долготрајни судски и административни постапки, што дополнително ја отежнува нивната ресоцијализација. Како особено загрижувачка појава се посочува и присилниот брак на малолетни девојчиња, кој во одредени случаи претставува форма на трговија со луѓе.
Во рамки на меѓународната акција „Global Chain“, спроведена во јуни годинава со учество на 59 држави, во Македонија бил откриен и случај на нелегално посвојување, за кој е отворена истрага поради сомневање за трговија со луѓе со цел присилно питачење.
На глобално ниво, во истата акција биле уапсени 1.024 лица, а идентификувани 2.070 жртви и потенцијални жртви, меѓу кои 162 малолетници.
Надлежните институции и организациите што работат со жртви апелираат на поголема претпазливост при прифаќање понуди за работа, особено оние објавени преку интернет, како и на зајакнување на системот за заштита, обесштетување и психосоцијална поддршка на жртвите.