Света великомаченичка Ефимија била родена во Халкидон, во благочестиво христијанско семејство. Нејзиниот татко Филофрон бил сенатор, а мајка ѝ Теодорисија. Ефимија била позната по својата убавина, но и по силната вера.
Кога антипатот Приск организирал празник во чест на идолот Ареј, 49 христијани се сокриле за да го избегнат жртвопринесувањето. Меѓутоа, биле пронајдени и изведени пред Приск.
На неговото прашање зошто не се покоруваат на царската заповед, христијаните одговориле дека на секоја човечка заповед треба да ѝ се покоруваат само доколку таа не се спротивставува на Божјата волја. Приск потоа наредил да бидат мачени 19 дена.
На дваесеттиот ден Ефимија била одвоена од останатите. Приск прво се обидел да ја придобие со ласкања и ветувања, но откако не успеал, наредил да биде подложена на маки.
Ја ставиле на тркало, но според преданието, ангел Божји го скршил тркалото. Потоа ја фрлиле во огнена печка, но останала неповредена. Откако го виделе тоа, војниците Виктор и Состен поверувале во Христа, поради што биле фрлени пред ѕверовите.
Ефимија потоа била фрлена во ров исполнет со вода и нечистотии, но и таму останала неповредена. На крајот била изведена пред дивите ѕверови. По молитвата го предала својот дух, а нејзините родители чесно го погребале нејзиното тело.
Света Ефимија пострадала во 304 година, а нејзиниот спомен се одбележува и на 24 јули.