Денешниот празник е посветен на два значајни настани поврзани со Чесниот Крст – неговото пронаоѓање на Голгота и неговото враќање во Ерусалим по четиринаесет години поминати во Персија.
Светата царица Елена, обиколувајќи ја Светата Земја, посакала да го пронајде Чесниот Крст на Христос. За местото каде што бил закопан Крстот знаел само еден старец Евреин по име Јуда. Принуден од царицата, тој открил дека Крстот се наоѓал под храмот на Венера, кој на Голгота бил подигнат од царот Адријан.
По наредба на царицата, храмот бил разурнат, а при копањето биле пронајдени три крста. Бидејќи не знаеле кој од нив е Христовиот Крст, патријархот Макариј предложил крстовите да бидат положени еден по еден врз мртовец што во тој момент го носела поворка покрај местото.
Кога врз покојникот бил положен третиот крст, тој оживеал. Така било препознаено дека токму тој е вистинскиот Христов Крст – Чесен и животворен. Потоа Крстот бил положен врз една болна жена, која оздравела.
Патријархот Макариј го подигнал Крстот за да може да го види целиот народ, кој со солзи пеел: „Господи, помилуј!“
Светата царица Елена направила сребрен ковчег и во него го положила Чесниот Крст.
Подоцна, кога царот Хозрој го освоил Ерусалим, многумина биле одведени во ропство, а Крстот Господов бил однесен во Персија. Таму останал четиринаесет години.
Во 628 година, грчкиот цар Ираклиј го победил Хозрој и со слава го вратил Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот, царот го носел Крстот на своите плеќи, но одеднаш застанал и не можел да направи ниту чекор.
Патријархот Захарија видел ангел кој му попречувал на царот, облечен во раскошна облека, да продолжи по патот по кој Господ одел бос и понижен. Патријархот му го пренел видението на царот.
Тогаш Ираклиј ја соблекол раскошната облека, бос и во бедна облека го зел Крстот, го однел на Голгота и го положил во храмот на Воскресението.
Така Чесниот Крст повторно бил вратен во Ерусалим, на радост и утеха на целиот христијански свет.