Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 јули. Денеска е Св. пророк Илија-Илинден. Свети Илија беше Евреин. Живееше далеку пред Христа. Потекнуваше од градот Тесвит, по што и беше наречен Тесвиќанец. Кога се роди, околу него татко му виде Божји ангели како го повиваат во оган и го хранат со пламен, што укажуваше на неговата подоцнежна пророчка служба. Младоста ја помина во постојано богомислие и во молитва, честопати повлекувајќи се на пусти места.
Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.
Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…
Големиот македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот народ најповеќе асоцира на славното Илинденско Востание и на Крушевската Република, сепак, во својата основа го има свети Илија, лик од христијанската религија кој има значајно место и во народните верувања.
Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос (поточно е роден во 816 година пред Христа) во местото Тесвит, поради што во Библијата се среќава како Тесвиќанин. Кога се родил Илија татко му Савах видел необичен знак, околу детето имало многу Божји ангели гои го повивале со оган и му давале пламен да јаде. Ова видение таткото го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Целата младост Илија ја минал во молитви, често повлекувајќи се во пустина за да може во тишина да се моли и да размилсува.
Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.” И во Кумановско Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл.
Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Е. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите.