Денеска се навршуваат шест месеци од големата трагедија што на 16 март годинава го потресе Кочани и целата држава, кога во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ животите ги загубија 62 млади лица. Несреќата се случи во доцните вечерни часови, а огнот за кратко време го зафати целиот објект, оставајќи зад себе пустош и незамислива болка кај семејствата на жртвите и жителите на градот.
Во спомен на загинатите, денеска ќе се одржи традиционалниот „Марш на ангелите“. Поворката ќе започне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се движи по претходно утврдената патека – покрај општинската зграда, УЈП, полициската станица, кочанскиот суд и Јавното обвинителство, а ќе заврши повторно во паркот.
Во саботата, пак, семејствата и најблиските одржаа помен на вечното почивалиште на младите чии животи беа прекинати прерано. Трагедијата остави длабока трага во колективното сеќавање на граѓаните, кои и денеска со маршот ќе ја испратат пораката дека болката е голема, но и дека споменот на нивните најмили никогаш нема да згасне.