Според Јулијанскиот календар денеска, 27 јули, православните верници го празнуваат Светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, а се одбележува и споменот на Свети Климент Охридски и Светите Седмочисленици.
Свети Пантелејмон е еден од најпознатите христијански светители и исцелители. Роден е во Никомидија, во Мала Азија, од татко незнабожец Евсторгиј и мајка христијанка Евула. Во младоста го изучувал лекарскиот занает и брзо се стекнал со големо знаење и углед.
Неговото име првично било Пантелеон, што значи „лав во сè“, а подоцна бил наречен Пантелејмон, односно „семилостив“. Под влијание на свештеникот Ермолај ја прифатил христијанската вера и се крстил.
Според христијанското предание, Свети Пантелејмон не ги лекувал болните само со лекарското знаење, туку и со молитва и вера во Бога. Едно од најпознатите преданија раскажува дека го излекувал слепец кого другите лекари не успеале да го излекуваат. По ова чудо, неговата популарност уште повеќе пораснала, а голем број луѓе ја прифатиле христијанската вера.
По смртта на неговиот татко, Пантелејмон го раздал својот имот на сиромасите и продолжил бесплатно да ги лекува луѓето, особено христијаните кои биле мачени за време на прогоните.
Поради неговата вера и влијанието што го имал врз народот, бил наклеветен пред царот. И покрај тешките мачења, Свети Пантелејмон не се откажал од христијанството. Според преданието, бил изложен на различни мачења, но останал непоколеблив во својата вера.
На крајот бил осуден на смрт. Според преданието, кога требало да биде погубен, мечот на џелатот се скршил, а Пантелејмон продолжил да се моли. Дури откако ја завршил молитвата, самиот побарал да биде погубен. Пострадал во Никомидија, на 27 јули според стариот календар, односно на 9 август според новиот календар.
Во Македонија Свети Пантелејмон има особено значајно место. Меѓу позначајните храмови посветени на светителот се црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, црквата во Горно Нерези, како и храмови и манастири во Велес, Кочанско, Штипско и други места.
На истиот ден се одбележува и споменот на Свети Климент Охридски, еден од најзначајните македонски и сесловенски просветители и ученик на светите браќа Кирил и Методиј. Свети Климент се упокоил во 916 година, а денот на неговото упокојување е поврзан со празнувањето на Светите Седмочисленици.
Во Светите Седмочисленици, покрај Свети Климент и Свети Наум, се вбројуваат и светите браќа Кирил и Методиј, како и Сава, Горазд и Ангелариј.
За Свети Климент во Охридскиот крај се сочувани бројни преданија и легенди. Според едно од нив, Свети Климент не само што го просветил народот, туку придонел и за одгледувањето на питоми овошни дрвја во Охридско, носејќи калеми од други краишта и калемејќи ги дотогаш дивите овошки.
Едно од познатите преданија зборува и за истовременото градење на храмовите на Свети Климент во Охрид и Свети Наум кај Охридското Езеро. Според народното предание, ѕидарите користеле јаже затегнато преку езерото за да си ги предаваат потребните алати.
Во охридските преданија се споменува и Светиклиментовата „стапалка“ – камен на кој, според верувањето, се сочувани траги од стапалата на светителот.
Празникот на Свети Пантелејмон и споменот на Свети Климент Охридски се поврзани со богатата духовна и културна традиција на македонскиот народ. На овој ден именден празнуваат Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто, Панчо и други имиња изведени од името Пантелејмон.