Денеска православните верници го празнуваат Преподобен Јоаким Осоговски, еден од големите светители и духовни столбови поврзани со македонската земја.
Свети Јоаким Осоговски живеел и се подвизувал во втората половина на XI век на Осоговските Планини, на местото наречено Сарандопор, каде што престојувал во една пештера.
Според преданието, на тоа место подоцна црква подигнал друг подвижник, Теодор од Овче Поле, откако Свети Јоаким му се јавил во сон. Низ вековите, од моштите на преподобниот се случувале бројни чуда, поради што неговото светилиште станало место на молитва и поклонение за бројни верници.
Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка денес претставува еден од значајните духовни и историски симболи на Македонија.
Како што истакнува архимандрит Фотиј, Свети Јоаким Осоговски е „македонски симбол“, но и светител со кој верниците се поистоветуваат преку верата и духовното наследство.
„Светиот Јоаким Осоговски чудотворец, наш македонски симбол. Тој е наш идентитет со кого се поистоветуваме во верата. Тој е наша историја со која се гордееме“, пишува архимандритот Фотиј.
Тој посочува дека гробното место на светителот со векови претставува место на духовно преобразување, каде што верниците доаѓаат барајќи Божја милост, помош и заштита.
На местото каде што е погребано телото на Свети Јоаким е изграден велелепен храм, во кој се служи света Литургија.
„Тука, наместо да бидеме тажни поради неговата смрт, ние сме всушност весели поради неговиот вечен живот, затоа што на ова негово место каде што е погребана неговата телесност, ние ја поимаме Божјата чудотворна сила“, наведува архимандрит Фотиј.
Манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ е еден од значајните духовни споменици на Македонската црква и сведоштво за вековната христијанска традиција на овие простори.
Во народното предание постои и легенда дека Свети Јоаким Осоговски, Свети Гаврил Лесновски, Свети Јован Рилски и Свети Прохор Пчински биле соподвижници и духовни браќа. Историската наука, сепак, не ја потврдува оваа традиција.
Од духовен аспект, тие се сметаат за браќа во верата – обединети во верувањето во Едниот Бог и во Исус Христос и осветени преку Светиот Дух.
Празникот на Преподобен Јоаким Осоговски и денес во манастирот се одбележува со молитви и света Литургија, а верниците пристигнуваат за да му оддадат почит на светителот и да побараат благослов и духовна помош.