По масовните протести што вчера ја зафатија централната зона на Софија, здравствените служби соопштија дека нема тешко повредени лица, иако десет граѓани биле пренесени во болница на дополнителни прегледи.
Портпаролката на Центарот за итна медицинска помош, Каја Сунгарска, за бугарската агенција БТА изјави дека ниеден случај не барал итна животоспасувачка интервенција. Медицинските тимови работеле на терен цела вечер, при што биле регистрирани вкупно 22 интервенции.
На протестот биле ангажирани 11 амбулантни возила, а уште три биле ставени во готовност и подоцна приклучени во операцијата. Екипите на лице место прегледале девет лица, кои веднаш добиле соодветна медицинска грижа.
Незадоволните граѓани вчера ги исполнија просторот пред Претседателството, Народното собрание и Владата, а протестни собири имаше и во други градови низ Бугарија.
Демонстрациите беа насочени против предлог-буџетот за 2026 година, чиј предлог лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, одби да го повлече од парламентарна процедура.
Организатор на протестите беше коалицијата „Продолжаваме промяната – Демократична България“.