Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода девет лица поради безобѕирно управување со моторни возила, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, во Скопје биле приведени четири лица кои управувале возила без да поседуваат возачка дозвола. Во Кавадарци, пак, две лица биле затекнати како управуваат мотоцикли без положен возачки испит.
Дополнително, еден возач од Скопје управувал мотоцикл без возачка дозвола, а возилото било и без важечка регистрација.
Полицијата лишила од слобода и двајца возачи кои управувале под дејство на алкохол. Во Македонска Каменица бил затекнат возач на мопед со измерени 1,52 промили алкохол во крвта, додека во Скопје бил приведен возач на товарно моторно возило кај кого биле измерени 2,20 промили алкохол.
По целосното документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до граѓаните да не управуваат возила без возачка дозвола, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.