Државната изборна комисија денеска го отфрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето на избирачко место 1789 во Ново Село за избор на градоначалник, откако по службена должност го отвори гласачкиот материјал и по неколкукратно пребројување констатираше дека тој е во ред и дека бројот на гласачки ливчиња во кутијата се совпаѓа со бројот на избирачи кои гласале.
-По отворање на гласачкиот материјал и по пребројувањето од страна на членовите на ДИК и службите констатирано е дека гласачкиот материјал е во ред и се констатирани бројки кои се во записникот за утврдени резултати, добиени гласови и неважечки ливчиња, рече претседателот на ДИК Оливер Дерковски.
Како што констатира ДИК по броењето, во Избирачкиот список биле запишани 412 граѓани кои на денот на изборите гласале, двајцата кандидати добиле 197 односно 210 гласови, а пет ливчиња биле неважечки. При броењето беа констатирани и две ливчиња откинати од кочан, но неупотребени, поради тоа што им бил откинат еден агол. На нив не е заокружен ниту еден кандидат ниту било што на нив било напишано или прешкртано, така што, како што рече Дерковски, тие не се неважечки, туку неупотребени.
Сепак ДИК донесе одлука да го разреши Избирачкиот одбор кој не го составил записникот, поради сомневање на еден член за помал број гласови во Избирачкиот список од оној на гласачки ливчиња, но и Општинската изборна комисија чии членови го направиле тоа наместо Одборот.
Инаку, ВМРО ДПМНЕ поднесе 12 приговори до ДИК. Од нив само овој се однесува за локалните избори, а останатите 11 се за гласањето на претседателските избори.