Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски на неговата фан-страница на Фејсбук објави фотографии на кои се гледаат пораки кои се испраќаат, како што вели тој на активистка од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“.
„Погледнете ги пораките што се испраќаат на наша активистка, мајка за нејзиното дете! Ова е недозволиво, срамно и загрижувачки! Барам МВР веднаш да спроведе детална истрага, а ние ќе направиме сè семејството да остане анонимно за да немаат дополнителни трауми од поединци!
Првата порака е испратена на 16.10.2021, од телефонскиот број 076 866 464 со следната содржина:
„Максо нон стоп спомнуе несреќан случај за некое дете води ред и твое така да не се спомнуе, а дете убаво си вози мотор. Последна опомена“.
По 5 минути, повторно уште една порака, која гласи:
„Док си таму поздрави се последан још мало па бивши градоначалник“.
Но, комуникацијата не завршува тука. На 26-ти октомври во 18:22 часот, повторно уште една порака:
„Убав дн днска на дете ти роденден, другара ти Максу покани ли га мож ќе биде последан роденден да се подружите“.
4 минути подоцна, уште една порака:
„Многу убаво те опоменасмо да се повлечеш ама ти не. што и да се деси сама си крива“.
Според нашите неофицијални информации со кои располагаме, станува збор за лице кое е поранешен осуденик и кое издржувало казна затвор, а во моментов е во штабот на СДСМ. Случајот е пријавен во Министерството за внатешни работи. Досега имаме пријавено многу случаи во МВР, но оваа институција не реагира.
Со кое право вршите закани врз родител жена, мајка на нечие дете испракајќи и порака дека може на нејзиното дете да му биде последен роденден! Вака ли сакате да водите кампања за локални избори! Застрашувачки е тоа што се случува од месец септември досега во Куманово. Срамота!
Ги повикувам сите кои се соочуваат со закани и притисоци поради сопствено убедување веднаш да ги пријават!“ - пишува Димитриевски на Фејсбук.