Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на 1 и 2 март 2019 година, ќе учествува на 4-от „Делфи економски форум“, кој оваа година се одржува од 28 февруари до 3 март во Делфи, Грција.
На покана на основачот и претседател на Delphi Economic Forum, а под покровителство на претседателот на Хеленската Република, Прокопис Павлопулос, МНР Димитров, утре вечер (петок, 1 март 2019 год.) во 19:40ч. по македонско време, ќе се обрати на централниот настан на Форумот, кој оваа година тематски е посветен на „Предизвикот на инклузивниот раст“. Покрај министерот Димитров, во рамките на пленарната сесија свое обраќање ќе имаат и премиерот на Грција, Алексис Ципрас, МНР на Кипар, Никос Христодулидис, потпретседателот на Владата на Романија, Ана Бирчал и МНР на Србија, Ивица Дачиќ.
МНР Никола Димитров е првиот претставник на високо ниво од нашата земја кој ќе учествува на Форумот, чија цел е преку обединување на светските лидери да го продлабочи разбирањето на прашањата и предизвиците кои влијаат на глобалната заедница, Европската унија, поширокиот Медитерански регион, како и на Југоисточна Европа.
На маргините на настанот, МНР Димитров се предвидува да оствари и повеќе билатерални средби.