Португалија ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија, Берлин најавува дека останува посветен на ова прашање, мислам дека Европската Унија не може да си дозволи луксуз и оваа 2021 година, да помине така како што помина 2020, со неуспех по проширувањето, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во празничното интервју за МИА.
-Пристапниот процес е алатка за европеизација. Меѓутоа, нас никој не ни ги врзува рацете да работиме на европеизација ако веќе немаме пристап до пристапниот процес. И мислам дека што повеќе сработиме дома, толку посилна ќе ни биде позицијата и во поглед на почнувањето на преговорите со Европската Унија, вели Димитров за МИА.
На прашањето дали очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај нив што се предвидени да се одржат во март, Димитров вели дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања.
МИА: Вицепремиере, годинава што изминa беше впечатлива во нашите евроатлантски интеграции. Станавме 30. членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговори со ЕУ, но потоа следуваше студен туш од Бугарија, иако очекуваме не ја одржавме првата меѓувладина конференција. Дали ангажманот на силниот претседавач Германија беше доволен?
Никола Димитров: Имавме тешка година, јас сум далеку убеден дека ќе имаме посреќна и далеку подобра 2021 година. Точно, во март имавме голем успех, на некој начин остана подзаскриен бидејќи тогаш беше почетокот на маката со коронавирусот, почетокот на пандемијата, и немавме ни прилика ни можност да се израдуваме, НАТО беше цел 25 години, четврт век, значи зацврстување на безбедноста, предвидливоста, тука сме за да останеме во овие граници и добивме безусловно зелено светло за почеток на преговори. За жал, тоа не се оствари, имавме голема поддршка од Берлин, канцеларката Меркел од среде Брисел најави од Европскиот парламент, дека првиот приоритет во надворешната политика на германското претседателство е почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.