По повод Светскиот ден на детето, оваа недела ќе се одржи традиционалниот Дипломатски Добротворен Базар 2025, организиран од „Добредојде“ Macedonia Welcome Centre, под почесно покровителство на амбасадорот на Република Австрија, Н.Е. г-дин Мартин Памер. Настанот се одржува денес до 16:00 часот, во хотел „Мериот“ – Скопје.
Ова годинешно издание го обединува дипломатскиот и културниот корпус во земјата со заедничка мисија: да се поддржат најранливите деца и да се создадат подобри услови во основните училишта. Средствата собрани преку продажба на производи и хуманитарната лотарија ќе бидат наменети за подобрување на хигиенските стандарди во две училишта, за сите деца, вклучително и оние со попреченост.
Посетителите имаат можност да уживаат во автентични производи, ракотворби, гастрономија и културни елементи од различни земји. Програмата вклучува музички настапи на ученици, презентации од земјите учеснички, како и хуманитарна лотарија со награди обезбедени од дипломатските мисии и партнерите.
Настанот е отворен за сите посетители, а влезот е бесплатен.