Директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски, реагираше по објавите за незаконско следење и прислушување во периодот од 2019 до 2024 година, истакнувајќи дека станува збор за скандал од невидени размери.
„Прислушкувани биле сегашниот премиер Мицкоски, следени биле новинари, медиуми, бизнисмени. Скандал кој е од невидени размери. А ќе потсетам дека на власт дојдоа со проект ‘Вистината за Македонија’. Седум години подоцна вистината е поинаква, грда, но и болна. Тогашната власт ја следела опозицијата,“ напиша Томовски.
Тој смета дека тогашните власти ќе се обидат да ги оправдаат постапките со „белешки, фабрикувани случаи и измислени причини“, а суштината е дека државните механизми биле злоупотребувани за лични интереси.
„Главните прашања кои мора да бидат одговорени се: кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ мерките од 2019 до 2024 година? Дали е впрочем за тоа одговорен сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Ако тоа е така, станува појасно зошто СДС и ДУИ не гласаа за негово разрешување. Уште поважно е што и денес Венко Филипче е опкружен со истите луѓе кои прислушкувале и злоупотребувале државен систем,“ додава Томовски.
Тој бара одговори за тоа кому и зошто му служеле прислушуваните материјали и дали со нив се вршеле уцени врз бизнисмени. „Во која европска држава се следи лидер на најсилна партија и новинари и медиуми? Дали со добиените информации се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени? Времето ќе покаже, и ќе ги даде одговорите. Одговорност мора да има,“ нагласува Томовски.