Пазарните инспектори што вечерта отишле на „Хераклеа“ да видат дали концертот на Петар Грашо се одвива по протоколи, му дале на организаторот да потпише записник дека се се одвива според протоколите, по што си заминале рано, уште во 9 часот и 30 минути, а потоа просторот се исполнил да нема игла каде да се фрли. Ова за ,,Слободен печат” го тврди директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, кој додава дека за овие инспектори ќе следи дисциплинска постапка во внатрешната контрола на оваа институција, објави „Слободен печат“.
-Има два записника во два одвоени временски термини и двата се коректни во однос на ситуациите за кои се изготвени, вели Пауновски.
Во Битола на „Хераклеа“ беше организиран концерт на Петар Грашо во четвртокот, кој според фотографиите од настанот дефинитивно се одвивал без да се почитуваат мерките за дистанца. Некои медиуми објавија дека наместо 600, продадени биле 2.000 билети. Ќе има и кривична пријава против организаторот, „Прагма продукција“.
Организаторот пак, тврди дека протоколите не биле прекршени и се повикува на првичниот записник од пазарниот инспекторат. Меѓутоа, директорот Пауновски вели дека еден записник може да биде отворен и до три дена, а дека инспекторите откако си заминале и добиле дојава дека концертот од мирен преминал во журка, се вратиле и составиле нов записник што ќе биде основа за поднесувањето на кривичната пријава.
„За концертот на Хераклеа ќе има кривична пријава за загрозување на јавното здравје против организаторот. Нашите инспектори направиле еден записник на почетокот од концертот во 9 часот и 30 минути, им го дале да го потпишат, за да не седат до крај. Кога си заминале инспекторите, тие ги отвориле вратите и влегле многу посетители. Новинари ми пратија фотографии кога се излегло од контрола, па повторно испратив инспектори во 23 часот и 45 минути кои виделе слика која не кореспондирала на првичната. Грешка на инспекторите е што си заминале уште на почетокот и за тоа ќе има дисциплинска постапка за и другите да се научат дека не треба да се верува туку да се седи до крај на насатанот. На почетокот било се во ред. Имало мерење на температура, маски, редарска слижба, редарот им сугерирал на посетителите да бидат на растојание. Потоа настанал хаосот“, рекол Пауновски.
Повеќе на Слободенпечат