Претседателот на Русија Владимир Путин може некои работи да ги прокоментира така што на човек му „замрзнува крвта во вените“, рече портпаролот на шефот на руската држава Дмитриј Песков во интервју за весникот „Аргументи и факти”. Тој притоа не сакаше да одговори на прашањето дали претседателот користи пцости, објави mk.rbth.com.
Во текот на интервјуто новинарот потсети дека на последната седница на Советот за култура дошло до дискусија за тоа дали е дозволиво да се користат пцости во јавниот медиумски простор. Путин тогаш на шега предложи на самиот состанок да почнат да пцујат. Новинарот го интересираше дали претседател барем приватно некогаш пцуе.
Песков изјави дека на тоа прашање нема да одговори.
„Можам само да кажам дека, како и секој нормален маж тој, се разбира, може да го изрази својот негативен однос спрема некој човек или процес. И тоа така што ќе ви замрзне крвта во вените“, додаде Песков.
Новинарот исто така истакна дека Путин има многу добро изграден говор, дури и кога настапува без подготовка, и праша дали некогаш имал некој учител по ораторство.
„Доколку имал, тогаш јас тоа не го знам. Но, од друга страна, тука пред сѐ се работи за искуство: Путин често говори јавно, често води преговори... Не заборавајте го ни тоа дека тој се стекна со добро образование. Освен тоа, тоа е човек кој не престанува да учи. И не само тој, се разбира”, рече портпаролот.