Истекува рокот за предавање на домашната платежна картичка на оние граѓани што ги исполнија условите. Банките имаа рок да ги издадат до 18 јули, односно утре, а граѓаните може да ги искористат најдоцна на 15 август годинава.
Домашна платежна картичка добија над 324 илјади граѓани, во четири категории. Првата група доби домашна платежна картичка во вредност од 9.000 денари, каде што спаѓаат лица со низок доход, приматели на социјална помош и активни баратели на работа, кои во минатата година немале поголеми приходи од 180 илјади денари, или годинава од јануари до април не повеќе од 60 илјади денари според податоците на УЈП. Во оваа група се опфатени над 114 илјади граѓани.
Во втората група се околу 117 илјади лица кои добиваат по 3.000 денари, односно граѓани кои се во работен однос, но чии примања во првите четири месеци не надминуваат 60 илјади денари. Оваа категорија дополнително доби и ваучер за туризам, кој веќе почна да се користи.
Во третата група се младите од 16 до 29 години кои се дел од државното образование и кои добија финансиска поддршка по 3.000 денари, а четвртата група ја сочинуваат здравствените работници со поддршка од 40 отсто од последната нето-плата.
Целиот проект е проценет на 28 милиони евра и средствата се префрлени кај банките што ги издаваат. До крајниот рок треба да бидат изработени сите картички од листата и да се продолжи со печатење на картичките од усвоените приговори.
Оние кои веќе ги добиле картичките истите може да ги користат во: хотели, одморалишта, кампови и други објекти за сместување, туристички агенции и оператори, ресторани, достава и подготовка на храна и пијалаци, супермаркети, продавници за храна, пекарници, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за книги, спортска опрема, продавници за облека, обувки, предмети од кожа, аптеки, фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности.