Откако Грција го ратификуваше Протоколот за членство на Македонија во НАТО, двете соседни земји ги започнуваат процедурите за државава да стане полноправна членка на Северноатлантската Алијанса. Првично, Грција и Македонија треба да си разменат вербални ноти, а потоа ќе испратат заеднички дописи до ООН.
Во нашава земја во Службен весник ќе се објави дека уставните измени стапиле во сила и од тој момент започнува нивното спроведување. По објавувањето во Службен весник, земјава и официјално ќе се вика Република Северна Македонија. Владата ќе ги извести и земјите во ОН и другите меѓународни организации дека новото име може да се стави во употреба.
Од владата велат дека овие процедури ќе бидат направени најдоцна до вторник. Инаку, синоќа ратификацијата на протоколот во Грција повторно ја судри грчката власт и опозицијата. Лидерот на опозицијата, Киријакос Мицототакис, во својот говор повторно се фокусираше на македонскиот јазик и идентитет.
„Никогаш нема да му кажам добредојде на премиер на една македонска држава. Очекувам ова да го кажете вие г-не Ципрас. И очекувам дека г-ин Апостолакис да ù посака добредојде во Грција на македонската армија во Грција кога ќе има заеднички вежби со грчката армија. Ова е тоа што го потпишавте“, рече Мицотакис.
Мицотакис го повтори својот став за правото на вето за интеграцијата на Македонија во ЕУ. Премиерот Ципрас на тоа праша: Дали Нова демократија ја поддржува европската перспектива на Западниот Балкан?
„Вие навистина мислите дека земјава треба да има за цел да ја попречува европската перспектива на Северна Македонија и другите соседни земји? Можеби земјава има интерес од влијанието на трети сили врз нашите соседи со други аспирации во балканскиот регион“, рече премиерот Ципрас.
Дури и по постојаното противење на грчката опозиција на Преспанскиот договор и на протоколот за членство во НАТО, ратификацијата помина со поддршка од 153 пратеници. Штом грчкиот Парламент прв го ратификуваше протоколот, премиерите на двете земји реагираа на социјалните мрежи. Премиерот Ципрас напиша дека Грција ги има завршено своите обврски според Преспанскиот договор, а сега Македонија мора да ги извести ОН дека се вика Северна Македонија.
Премиерот Зоран Заев пак, напиша: Одиме кон загарантираниот успех. Полесно е со сојузниците, со гордост покажуваме дека ние сме НАТО.“ Сега ќе следува ратификацијата на Протоколот во другите 28 земји-членки на Алијансата. Прва која најави дека ќе биде следна е Словенија, а потоа и Словачка чии претставници изјавија дека протоколот ќе биде ратификуван следната недела.