Просто неверојатно изгледаше кога на 14 мај годинава го отворивме поштенското сандаче, а внатре имаше пошта од АД „МЕПСО“, внатре два листа и десет бројки – нешто што го баравме од 30 ноември 2020 година. Точно половина година помина откако заврши едно патешествие за да се добие информација од јавен карактер, иако во случајов стануваше збор за јавни пари. Прашањето беше едноставно – кои се десетте фирми, повластени производители на струја од обновливи извори на енергија (мали хидроелектрани) на кои им се исплатени најмногу пари во периодот 2010-2019 година, објави doma.edu.mk.
Одговорот на ова прашање поврзано со малите хидроелектрани, со парите што граѓаните ги одвојуваат за нивно работење и за тоа кои се сопственици на истите, нè доведе до лавиринт од институции, прво почнувајќи од државните компании АД „МЕПСО“ и „МЕМО“ ДООЕЛ, а понатаму се вклучија и Регулаторната комисија за енергетика, Антикорупциската комисија, Агенцијата за безбедност на класифицирани информации, Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер…
Сите, освен повиканите, АД „МЕПСО“ и „МЕМО“ ДООЕЛ, како што веќе објавивме, беа согласни дека во случајов станува збор за јавен податок кој треба да се сподели со јавноста, но сепак битката да се дојде до десетина бројки со суми од милиони евра, беше долга.
Сепак, упорноста се исплатеше, што впрочем се докажа на 14 мај кога го видовме пликото во поштенското сандаче.
Одговорите беа многу едноставни, но отворија многу прашања за оправданоста во трошењето јавни пари. Имено, малите хидроелектрани учествуваат само со 3,8 проценти од вкупно произведената електрична енергија во земјава (2020 година), а во периодот 2010-2021 само 13 фирми со мали хидроелектрани имале приходи од речиси 80 милиони евра.
извор: doma.edu.mk.