Владата на Република Северна Македонија денеска ги одржа редовните 173-та и 174-та седница. Владата речиси целосно ја посвети на разгледување и усвојување на програмите и на финансиските планови за работата на министерствата,на јавните и државни претпријатија, како и на акционерските друштва во сопственост на државата.
На оваа седница, Владата на Северна Македонија ја донесе Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила врз основа на критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила.
Со оваа уредба, како и со критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила се очекуваат големи придобивки за целото општество преку намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, преку обнова на возниот парк со поттикнување на купување на поеколошки возила како резултат на намалување на данок на возила со голема економичност на гориво, како и набавка на хибридни и електрични возила со ниска или “0“ емисија на јаглерод диоксид - CO 2.
Владата на Република Северна Македонија на својата редовна 174 седница што се одржа денеска, го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Северно-Атлантскиот договор потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година.
Предлог-законот за ратификација на Северно-Атлантскиот договор на нашата земја со НАТО, кој ќе биде пуштен на усвојување во Собранието на РСМ, се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија”, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во Алијансата.
фото: Архива