Комесарката на WNBA, Кети Енгелберт, испрати меморандум до клубовите во кој се осврна на актуелните разговори за учеството на трансродови спортистки во женската кошарка.
Објавата на Енес Кантер и Ројс Вајт, двајца поранешни NBA кошаркари кои сакаат да играат во WNBA, ја разбранува светската спортска јавност.
Се огласи и синдикатот на кошаркарките во најсилната женска кошаркарска лига во светот, а потоа и комесарката на WNBA испрати јавен допис.
„Знам дека многумина од вас во последните недели добиваа прашања во врска со учеството на трансродови спортистки во женската кошарка и очекувам оваа тема и понатаму да привлекува големо внимание“, напишала Енгелберт во меморандумот испратен во петокот попладне, до кој дошле АП и ЕСПН.
„Сакав да ви се обратам за да споделам на кој начин лигата пристапува кон овие разговори и да им се заблагодарам на сите кои на прашањата од медиумите одговараа внимателно и професионално.“
Во меморандумот се наведува дека за ова прашање дополнително ќе се разговара на состанокот на работната група составена од претседатели на клубови и генерални менаџери, кој претходно бил закажан за следната недела.
Во текст објавен од ЕСПН минатиот месец, бекот на Индијана Фивер, Софи Канингам, изнесе став дека на трансродови девојки и жени не треба да им биде дозволено да се натпреваруваат во женскиот спорт.
Нејзините изјави предизвикаа помали протести и собири за поддршка и противење во Сиетл и Портланд кога Фивер гостуваше во тие градови минатата недела.
На натпреварот меѓу Фивер и Лас Вегас Ејсис во четвртокот вечерта се појавил еден демонстрант. Индијана во сабота гостува кај Чикаго Скај, а членови на две конзервативни организации планирале собир за поддршка на Канингам пред натпреварот.
Енгелберт навела дека лигата секогаш ќе му пристапува на ова прашање внимателно, со почит и во согласност со долгогодишните вредности на лигата.
„Второ, нашите правила за подобност на играчите, за разлика од правилата на некои други лиги и спортски организации, се предмет на колективно преговарање. На крајот, зачувувањето на интегритетот на нашата игра и обезбедувањето фер натпревар секогаш ќе бидат меѓу најголемите приоритети на лигата“, навела таа.
Колективниот договор на WNBA наведува дека „само кошаркарки кои се жени имаат право да играат во WNBA“, но не содржи попрецизни одредби за родовиот идентитет или полот определен при раѓањето.
Во петокот, двајца поранешни NBA кошаркари, Енес Кантер Фридом и Ројс Вајт, се прогласиле за подобни за драфтот во WNBA, наведувајќи дека се идентификуваат како жени.
„Свесни сме дека ова е сложена и нијансирана тема и ќе продолжиме да водиме важни разговори со сите вас, како и со Здружението на играчки, во наредните недели и месеци. Исто така, планираме да организираме дополнителни разговори и сесии за сите челници на клубовите кои сакаат да учествуваат. Вашите мислења и повратни информации се од непроценливо значење и им благодарам на сите кои веќе ни се обратиле и ги споделиле своите ставови“, стои во меморандумот.
Некои кошаркарки и тренери во WNBA јавно изразија поддршка за трансродовите спортисти, меѓу нив и центарот на Сиетл Сторм, Стефани Долсон, како и тренерката на Минесота Линкс, Шерил Рив.