Двајца малолетни браќа од Холандија беа пронајдени мртви во хотелска соба во Истанбул, а првичните сомнежи се дека станува збор за труење.
Холандскиот државјанин Рашид Мохамед Аџуб (57) престојувал во градот заедно со своите синови – 17-годишниот Мохамед Џамил Јусуф и 15-годишниот Мохамед Јаздани. Според турските медиуми, семејството во петокот вечерта вечерало во ресторан во населбата Таксим, но храната јаделе само момчињата, додека таткото не јадел.
Следното утро, вработени во хотелот слушнале врева од собата и при влегувањето ги затекнале тинејџерите во безживотна состојба, додека нивниот татко бил во шок и се онесвестил. Итната помош пристигнала на лице место и ја констатирала смртта на децата, а Аџуб бил пренесен во болница.
Еден од хотелските работници изјавил дека едното момче лежело на креветот, а другото на подот и дека медицинските екипи можеле само да ги прогласат за починати.
Полицијата отвори истрага за причините за трагедијата, со цел да се утврди дали станува збор за труење со храна. Според државната агенција „Анадолу“, таткото во болница сведочел дека неговите синови јаделе во ресторан во Таксим, по што по враќањето во хотелот нагло им се слошило.
Браќата со таткото биле на одмор во Турција. Турските медиуми потсетуваат дека во земјата чести се вакви опасни и понекогаш фатални случаи, особено кога е поврзан алкохол. По Нова година, во Истанбул имаше масовно труење во кое починаа 34 лица, а во мај властите објавија дека повеќе од 100 луѓе во Анкара починале во период од неколку месеци по консумирање домашно произведен алкохол.