Основниот кривичен суд Скопје денеска објави неправосилна пресуда во предметот со кодно име „ПРЕМИН“, што го застапуваше Специјализираното одделение при ОЈО-ГОКК за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Со пресудата, дванаесет обвинети – царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран – се огласени за виновни за кривичните дела примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување. Четворица од нив се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на осуммина им се изречени условни осуди. Дополнително, четворица обвинети кои на почетокот на главната расправа го признале делото, биле осудени на ефективни казни затвор од две до две години и осум месеци.
Судот на 14 лица им изрече и мерка забрана за вршење должност на службено лице во времетраење од две до осум години, индивидуално определена.
Во однос на имотната корист, судот делумно го прифати предлогот на обвинителството за конфискација. Одземени се 18.230 евра, 263.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари. Дел од паричните средства му се вратени на еден од обвинетите.
Од ОЈО-ГОКК најавија дека ќе поднесат жалба по писменото добивање на пресудата, изразувајќи незадоволство од висината на изречените казни и од обемот на конфискуваните средства.