Под мотото „Каде бајките оживуваат“ ќе се одржи дванаесеттото издание на меѓународниот фестивал за анимирани филмови во С Македонија, Анимакс Скопје фест. На него ќе бидат прикажани 25 анимирани филмови во официјалната програма и 9 анимирани филмови наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 24 до 25 декември (петок и сабота) во Кинотека на Македонија. Влезот е бесплатен.
Филмовите во официјална селекција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, над 1 800 меѓу кои најголем број од: Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Бразил и други.
Овогодишната жири комисија ја сочинуваат: м-р Мими Ѓоргоска, д-р Лазе Трипков и Илчо Симовски.
Голем дел од филмовите кои се борат за Златната, Сребрена и Бронзена Тула се носители на престижни награди и победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20:00 часот Проекцијата на филмови за деца ќе се одржи на 25 декември (сабота) со почеток во 17:00 часот. Младата публика ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се исто така бесплатни.
„ Мудрите луѓе велат колку е поголемо делото толку се поголеми искушенијата. Овој период, на планетарно ниво повикува на преиспитување, на донесување одлука. Нихилизмот се чини дека е нововоспоставена религија, но вистинскиот автор секогаш е смел во потрагата по единствената вистина. Други автори, пак, ја сликаат стварноста без да очекуваат иманентен одговор; ја прикажуваат вехементноста на времето и просторот; и размислата ја оставаат на оние кои ја восприемаат нивната уметност. Накратко вака би можел да ја опишам програмата на овогодишното издание на Анимакс Скопје фест“, вели основачот и директор на фестивалот Кузман Кузмановски.
Анимакс Скопје фест е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-Минтири“ од Скопје, со поддршка од Град Скопје и во соработка со Кинотека на Македонија.
Анимакс Скопје фест е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.